Пекинг повторно ги отвора центрите за изолација

илустрација

По првомајските празници, Пекинг ги продолжува мерките против корона вирусот во текот на целиот месец. Мерките вклучуваат затворање на просториите за забави и теретаните поради опасноста од пренос на вирусот, објави кинеската државна телевизија, а пренесува Ројтерс.

Властите ќе продолжат да го ограничуваат пристапот на луѓето до јавните простори на 50 отсто од капацитетот. Во рестораните сè уште нема да може да се јаде внатре.

Болницата Ziaotangshan Fangcai, која има најмалку 1.200 кревети и капацитети за тестирање, првпат беше отворена за време на епидемијата на Сарс во 2003 година, а беше повторно искористена на почетокот на 2020 година за лекување на пациенти со ковид 19. Повторното отворање сигнализира зголемување на напорите на кинескиот главен град да го менаџира зголемениот број случаи без затворање на градот.

Кина денеска објави 5.489 случаи, вклучително и 353 симптоматски. Најголем број од нив (4.982) се во Шангај, кој е во карантин со недели, што предизвика масовни поплаки и протести поради недостигот на храна и прекумерното спроведување на законот. Пекинг денеска пријави 46 симптоматски случаи и пет асимптоматски.

Бидејќи бројот на случаи во Шангај се искачи на илјадници, властите брзо го идентификуваа и изолираа секој случај, без оглед на сериозноста. Стотици илјади луѓе се префрлени во привремени болници и други установи пренаменети за тоа.