Македонскиот културен центар во Благоевград ќе биде отворен до крајот на годинава

Душко Арсовски, портпарол на Владата на РСМ

Македонскиот културен центар во бугарскиот град Благоевград се планира да биде отворен до крајот на годината, а неговото име ќе се определи во комуникација со нашиот Институт за национална историја, информира владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција во Владата.

„Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека планира да го запознае својот бугарски колега Кирил Петков дека како Влада во текот на оваа година имаме намера да отвориме нов културен центар во Благоевград“, изјави Арсовски одговарајќи на новинарско прашање кога ќе биде отворен нашиот културен центар во Благоевград.

На прашање до каде се проверките на Владата за легитимноста на постоењето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, Арсовски посочи дека се собираат информации за начинот на кој е регистриран тој клуб.

„Очекуваме во најскоро време работите да бидат појасни за што јавноста ќе биде информирана. Тоа што е важно е дека се разгледуваат повеќе опции и институциите ќе постапат соодветно во овој случај“, додаде Арсовски.

Неодамнешното отворање на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола предизвика бурни реакции од македонската јавност. Критиките од македонската јавност во најголем дел се затоа што Михајлов е познат соработник на нацистите. На отворањето присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.