Активната блокада на Собранието ќе се спроведува се додека актуелната власт не седне и не се постигне договор за одржување предвремени парламентарни избори, изјави денеска во Карбинци лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој на новинарско прашање во врска со изјавата на СДСМ дека во време на криза не треба да се блокира Собранието, оцени дека со таа изјава владејачката партија признала дека државата е во криза.
„Два месеца буквално ги молевме и секој наш чекор е реакција на нивната акција. За се понатаму единствената одговорност ќе биде врз Ковачевски и врз СДСM. Сакам да ја потенцирам нашата сериозност, ова нема, ќе повторам, да трае 1,2,3,5 дена, ова ќе трае со недели, а можеби и со месеци се додека оваа Влада конечно не се вразуми, не седне со опозицијата и не организираме предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.
За активната блокада појасни дека ќе се однесува на се во Парламентот, освен на оние закони кои се однесуваат за помошта кон граѓаните за повисоки плати и пензии.
Од владејачката СДСМ денеска порачаа дека нема да дозволат деструктивноста на Мицкоски и неговите блокади да ја закочат државата.
„Со најавите за уште поголеми блокади, Мицкоски не го блокира СДСМ, не ја блокира Владата. Мицкоски не му носи штета на СДСМ ниту на Владата. Со ваквите неджравнички постапки Мицкоски носи штета единствено на граѓаните“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Мицкоски пред неколку дена упати повик до премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба на која ќе утврдат датум за предвремени парламентарни избори, а во спротивно се закани со „сериозни и досега непреземени чекори“. Ковачевски одговори дека не прифаќа уцени и оти во услови кога се соочуваме со најголемата криза од Втората светска војна не се потребни избори туку одговорно делување на сите партии, заедно со функционално Собрание.