ЕУ вети засилена одбранбена поддршка за Молдавија

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел вети дека ќе ја зголеми воената помош за Молдавија, чиј сепаратистички регион Трансдњестар, поддржан од Москва, пријави неколку инциденти кои доведоа до обвинувања дека Русија сака да ја дестабилизира поранешната советска република и веројатно да ја вклучи во нејзината војна против Украина.

„Оваа година планираме значително да ја зголемиме нашата поддршка за Молдавија со обезбедување на нејзините вооружени сили со дополнителна воена опрема“, рече Мишел на прес-конференција со молдавската претседателка Маја Санду за време на денешната посета на Кишињев. Тој не даде дополнителни детали.

Мишел, исто така, вети поддршка за Молдавија против сајбер напади и дезинформации, додавајќи дека избегнувањето на ескалација во Трансдњестар е од клучно значење.

„Треба да ја одржиме стабилноста. Наша европска должност е да помогнеме и да ја поддржиме вашата земја“, рече Мишел, додавајќи дека 27-члениот блок има одговорност да и помогне на Молдавија во време на војна во соседна Украина.

Молдавија забележа прилив од стотици илјади украински бегалци од почетокот на инвазијата на Москва на 24 февруари, а Мишел рече дека ЕУ ќе му помогне на Кишињев „да се справи со последиците од прелевањето на руската агресија во Украина“.

„Ќе продолжиме да го продлабочуваме нашето партнерство со вас за да ја приближиме вашата земја до ЕУ“, рече Мишел.

Санду пак рече дека Молдавија има планови за „песимистички сценарија“, но додаде дека „не гледаат непосреден ризик во моментов“.

Таа рече дека инцидентите во Трансдњестар биле „генерирани од провоените сили“ таму и дека се обидуваат да ги обесхрабрат таквите инциденти.

Трансдњестар минатата недела тврдеше дека експлозии го погодиле Министерството за безбедност, воена единица и радио кула во руска сопственост, а било пукано и во село во кое се наоѓа руско складиште за оружје, што пак Москва го нарече „терористички акт“.

Украина пак соопшти дека Русија сака да го дестабилизира регионот за да создаде изговор за воена интервенција.