Вработените во Управата за водење матични книги продолжуваат со штрајкот

илустрација

Штрајкот на вработените на Управата за водење матични книги ќе продолжи се до исполнување на барањата за потпишување колективен договор, линеарно зголемување на платите за 30 отсто и подобрување на условите за работа, изјави претседателот на Независниот синдикат на Управата за водење матични книги, Тони Милошески при посетата на Подрачното одделение на институцијата во Тетово.

„Ние како Независен синдикат на Управата за водење матични книги сметаме дека треба да има лиеарно покачување на платите на сите вработени во УВМК, кои долги години наназад воопшто не се покачени. До 2010 бевме под МВР, а од тогаш никој не ни има дадено ни покачување, ни нови звања. Имаме колеги кои работат и по 30 години, а уште се помлади референти. Има колеги што земаат 14.700 денари, не земаат уште цела 15.200 што беше минимална плата, која нормално сега треба да биде 18 илјади“, изјави Милошевски.

На петтиот ден од штрајкот синдикатот предупредува дека се врши притисок кон вработените да го прекинат.

„Имаше огромни притисоци и уште ги има. Има значи од некои политички партии, има од самото раководство од Управата до некои вработени. Вработените што се на договор имаат најголеми притосоци“, вели Милошевски.

Иако се во штрајк, вработените издаваат дел од документите кои се за потреби на граѓаните поврзани со старнство, како за лекување, смртни случаи, раѓање и слично. Се склучуваат и бракови кои се закажани до 26 април.