Рускиот новинар и добитник на Нобеловата награда за мир Дмитриј Муратов ја осуди руската пропаганда која се залага за употреба на нуклеарно оружје во конфликтот во Украина, предупредувајќи дека тоа ќе значи „крај на човештвото“.
„Не би ја исклучил можноста за употреба на нуклеарно оружје“, изјави Муратов пред новинарите во Женева.
Кремљ соопшти дека ги ставил руските нуклеарни сили во состојба на готовност веднаш по инвазијата на Украина на 24 февруари.
Во услови на зголемена поддршка на Западот за Украина, рускиот претседател Владимир Путин покажа подготвеност да користи тактичко нуклеарно оружје, за кое руската воена доктрина верува дека може да се искористи за да се принуди непријателот да се повлече.
- Руски нобеловец полеан со црвена боја додека патувал во воз
- Протераните руски новинари на весникот „Новаја газета“ лансираат нов медиум
Говорејќи на митингот по повод Светскиот ден на слободата на печатот, Муратов, чиј весник „Новаја газета“ беше принуден да го прекине објавувањето поради воената интервенција на Москва, предупреди дека „пропагандните воини“ на Кремљ се обидуваат да ја направат употребата на нуклеарно оружје прифатлива за руската јавност.
Спротивно на пропагандниот наратив, поставувањето вакво оружје „нема да биде крај на војната“, предупреди Муратов.
„Тоа би бил крајот на човештвото“, изјави нобеловецот.
Тој рече дека најстрашното нешто во Русија е тоа што Путин доби „неограничена, апсолутна моќ“. Зборувајќи со Марија Реса, филипинска новинарка со која ја подели наградата за мир за 2021 година, Муратов одговори и на прашањата за нападот што го претрпе во воз во Русија минатиот месец, истакнувајќи дека сторителот е „заштитен од гонење“.
На 7 април маж влегол во неговото купе и фрлил врз него боја од масло измешано со ацетон, поради што го печеле очите.
Муратов рече дека тој лично го фотографирал напаѓачот, полициските камери го снимиле и неговото лице, но речиси еден месец подоцна „не е покрената истрага“.