Русија ја засили својата офанзива во источна Украина и започна голем напад врз последното упориште во разурнатиот пристанишен град Мариупол. Во соседна Белорусија, вооружените сили започнаа ненадејни големи вежби на 4 мај за да ја тестираат нивната борбена готовност, соопшти украинското Министерство за одбрана. Москва распореди 22 баталјона во близина на Изум, објави британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен на 4 мај, додавајќи дека очигледната цел на Русија е да ги заземе градовите Краматорск и Северодонецк на исток. Еден руски баталјон обично се состои од 700-800 војници. Според билтенот на британското разузнавање, заземањето на двата града „ќе ја консолидира руската воена контрола“ врз североисточна Украина.
Руски сили го почнаа нападот врз фабриката Азовстал во Мариупол
Гувернерот на областа Доњецк во источна Украина изјави дека руските војници гранатирале фабрика за кокс во градот Авдијивка, при што загинале најмалку 10 луѓе, а 15 биле ранети. Кириленко рече дека бројот на загинати на 3 мај е најголем во еден ден по рускиот напад на железничката станица во градот Краматорск на 8 април кога загинаа 57 лица, а 109 други беа повредени. Украинските власти соопштија дека руската војска, исто така, на 3 мај извршила напади врз железничката инфраструктура низ целата земја, погодувајќи шест железнички станици во централните и западните региони на земјата, нанесувајќи голема штета. Синоќа, руските сили го нападнаа и западниот град Лвив. Градоначалникот на Лвив рече дека биле погодени три електрани.