ВМРО-ДПМНЕ утре ќе одржи седница на Извршниот комитет и ќе предложам како прв чекор после 10 мај да има некаква активна блокада на македонското Собрание, најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Со тоа, опозицијата сака да предизвика предвремени парламентарни избори.
„Тоа ќе биде активна блокада на сè, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните“, рече Мицкоски во интервју за ТВ Сител.
Тој рече дека ќе ѝ предложи на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да блокира сè останато во Парламентот преку филибастеринг, односно преку амандмани или преку активно говорење и на комисиските и на парламентарните седници.
„Владата не е решението за оваа национална катастрофа, таа е проблемот“, рече Мицкоски.
Владејачката СДСМ реагира дека Мицкоски одлучил „по деструкција и пакост да го надмине и неговиот шеф Груевски“.
„Во услови на криза, кога на граѓаните им треба функционално Собрание кое ќе носи закони во интерес токму на најважните, граѓаните, Мицкоски решава да го блокира“, реагира СДСМ.
Мицкоски пред неколку дена упати повик до премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба на која ќе утврдат датум за предвремени парламентарни избори, а во спротивно се закани со „сериозни и досега непреземени чекори“. Ковачевски одговори дека не прифаќа уцени и оти во услови кога се соочуваме со најголемата криза од Втората светска војна не се потребни избори туку одговорно делување на сите партии, заедно со функционално Собрание.