Изградбата на гасниот терминал во Александрополи е историски настан за регионот и проект за долгорочна енергетска независност и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време, порача премиерот Димитар Ковачевски на свечената церемонија по повод почетокот на изградба на овој терминал.
На денешниот настан во Александропули, Ковачевски рече дека гасниот терминал е од огромно значење за регионот од аспект на диверзификацијата на природниот гас и поголемата сигурност во снабдувањето со овој енергенс, со што ќе се намали зависноста од досега единствениот канал на доток на гас од Русија.
Македонија во овој проект учествува со договор за резервација за одреден капацитет за течен гас од Терминалот во Александрополи.
„Со интерконекторот во Грција, кој е во фаза на реализација, ја заокружуваме сета потребна инфраструктура за да се заврши и секундарната гасна мрежа која ќе го донесе гасот до граѓаните и стопанството во Северна Македонија“, посочи Ковачевски.
Во гасниот терминал во Александрополи, Македонија ќе партиципира со 10 отсто.
На свечената церемонија на која беше официјализиран почетокот на изградба на терминалот, присуствуваа и премиерите на Грција и Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Кирил Петков, српскиот претседател Александар Вучиќ и првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел.