Руските сили го почнаа нападот врз челичарницата Азовстал во Мариупол, иако во фабриката се засолнати стотици цивили заедно со украинските војници.
Украинскиот центар за стратешки комуникации во Националниот совет за безбедност и одбрана денеска соопшти дека „Русите се обидуваат да упаднат на територијата на Азовстал“.
Новинската агенција Асошиејтед прес цитираше украински војници кои ја бранат челичарницата дека операцијата на руските сили за упад во последниот џеб на отпорот во градот е во тек.
Информацијата ја потврди и заменик-командантот на Азовскиот полк, Свјатослав Паламар, кој исто така е засолнет во фабриката.
Упадот доаѓа неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин рече дека ги откажал плановите за таква операција. Путин рече дека наместо упад, руските сили треба да ја блокираат огромната фабрика „за мува да не може да помине“.
Претходно денеска, градоначалникот на Мариупол Вадим Бојченко рече дека во фабриката има уште 200 цивили.
Руските сили го зазедоа Мариупол во неколкунеделно жестоко бомбардирање, но украинските војници сè уште ја контролираат огромната фабрика во која се утврдени.