Путин нареди возвратни економски санкции кон Западот

Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за возвратни економски санкции како одговор на, како што се вели, „непријателските активности на одредени странски држави и меѓународни организации“, соопшти денеска Кремљ.

Документот не дава никакви детали за тоа кои поединци или субјекти може да бидат засегнати од мерките. Според декретот, Русија ќе забрани извоз на производи и суровини на лица и субјекти кои ги санкционирала.

Тој, исто така, забранува трансакции со странски поединци и компании погодени од руските возвратни санкции и им дозволува на руските соработници да не ги исполнат обврските.

Според декретот, руската влада има рок од десет дена да состави списоци на странски поединци и компании што треба да бидат санкционирани, како и да дефинира „дополнителни критериуми“ за низа трансакции кои би можеле да бидат предмет на ограничувања.

Русија, исто така, воведе санкции во средината на април кога им забрани на 398 членови на американскиот Конгрес и на 87 канадски сенатори да влезат на нејзина територија како „одмазда’ за сличната одлука на Вашингтон против Русија да ја казни за инвазијата на Украина.

Откако Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари, бројни земји ширум светот, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, но и Европската унија, воведоа санкции кон Русија.