Израел ги поддржува неонацистите во Украина, оцени денеска Министерството за надворешни работи во Москва, еден ден откако израелските лидери остро го критикуваа министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, бидејќи рекол дека Адолф Хитлер има еврејско потекло.
Обвинувањата уследија по повикот за разговори меѓу рускиот амбасадор во Тел Авив, Анатолиј Викторов и заменик генералниот директор за Евроазија, Гери Корен, во израелското Министерство за надворешни работи во Ерусалим.
Двете страни на средбата се договориле повеќе да не се разговара јавно за тоа, јавуваат израелските медиуми повикувајќи се на дипломатски извори.
И покрај тоа, руското министерство изјави дека изјавите на израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид се „антиисториски“ и дека „во голема мера објаснуваат зошто актуелната израелска влада го поддржува неонацистичкиот режим во Украина“, коментира „Џерусалим пост“.
Москва го повтори тврдењето на Лавров дека еврејското потекло на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, не исклучува дека Украина е управувана од неонацисти.
„Антисемитизмот во секојдневниот живот и политиката не престана, напротив, тој се негува (во Украина)“, соопшти руското министерство.
Израелското Министерство за надворешни работи засега не ја коментираше таа објава.
„Кога (Украинците) велат „Каква денацификација е тоа ако сме Евреи“, па мислам дека и Хитлер имал еврејско потекло, така што тоа не значи ништо“, изјави Лавров за италијанската телевизија во неделата, додавајќи дека некое време го слушнал мудриот еврејски народ како вели дека најголемите антисемити биле Евреите.
Министерот Лапид изјавите ги нарече непростливи, скандалозни и голема историска грешка, велејќи дека Евреите не се самоубиле во Холокаустот и дека најниско ниво на расизам кон Евреите е обвинувањето дека се антисемитисти.