Со барање медиумите да бидат внимателни кога објавуваат вести, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, уверува дека ексградоначалничката на Тетово, Теута Арифи, никогаш не била предлог за амбасадор. По низата критики на сметка на Арифи и МНР, Османи рече дека граѓаните биле жртва на лажни вести и достоинството на ексградоначалничката.
„Никогаш немало предлог за Теута Арифи да биде амбасадор во Анкара. Вчера беа објавувани информации без да се бара став од МНР. Немало размислување, предлог, ниту одбивање. Ниту предлог во Вашингтон. Немало формализиран предлог за во Брисел, имало само размислувања. Три дена се споменува име, места, дека се одбиени агремани, и покрај тоа што пуштивме соопштение, за второто не бев прашан, така да, да внимаваме, во однос на споменување на имиња. Јас не можам да коментирам имиња, но бидејќи беше спомената Арифи, да кажам дека немало таков предлог“, рече Османи на денешната прес конференција.
Тој посочи дека кога влегле во политиката, како политичари, биле свесни дека ќе бидат жртви на лажни вести.
„Ве замолувам да внимаваме, затоа сум толку транспаретен, ние работиме со луѓе. Важно е кога луѓето ги ставаме на тапет без проверени информации“, кажа Османи.
Во дел од медиумите вчера беше објавено дека Владата и МНР имале трет обид да ја испратат Теута Арифи во дипломатска мисија, но наводно добиле експресен одговор од Турција дека акредитивните писма на амбасадорот нема да бидат одобрени. Неуспешни биле и претходните два обиди таа да замине на амбасадорката фотелја во Брисел и Вашингтон.
Запрашан за вчерашното свечено отворање на споменикот на УЧК во Липково, министерот за надворешни работи Османи даде само краток коментар.
„Вчерашното случување во Липково не беше партиска активност. Јас сум информиран дека општинските власти ги имаат запазено сите процедури за тоа спомен обележје. Ние бевме гости кај градоначалникот и не гледам ништо спорно таму“, рече Османи.