Папата Франциск бара средба со Путин

илустрација

Папата Франциск изјави дека побарал средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, за да разговара за запирање на војната во Украина, но не добил одговор.

Папата вели дека околу три недели по војната, тој побарал од највисокиот дипломат на Ватикан да испрати порака до Путин за организирање состанок.

„Се уште не добивме одговор и се уште инсистираме. Се плашам дека Путин не може, и не сака, да ја има оваа средба во овој момент. Но, како не можете да престанете со толку бруталност?“, вели папата во интервју за италијанскиот весник „Кориере де ла сера“.

Папата Франциск исто така вели дека унгарскиот премиер Виктор Орбан му кажал дека Путин планира да стави крај на војната на 9 мај, кој Русија го слави како „Ден на победата“ по повод предавањето на Германија во 1945 година.

Инаку Осумдесет и петгодишниот папа веќе беше во посета на руската амбасада во Рим кога започна војната.