Над 200 цивили се уште се во фабриката за челик Азовстал

цивили во челичарницата Азовстал

Повеќе од 200 цивили сè уште се заробени со украински борци во челичарницата Азовстал во опколеното јужно украинско пристаниште Мариупол, изјави денеска градоначалникот на градот Вадим Бојченко. Тој додаде дека вкупно околу 100.000 цивили се уште се во јужниот украински град, кој пред руската инвазија имаше околу 400.000 жители. Група од околу 100 украински цивили го напуштија Мариупол на 1 мај за југоисточниот град Запорожје, оддалечен околу 230 километри. Но, евакуацијата на цивилите од градот заглави бидејќи Русија го продолжи гранатирањето на Азовстал на 2 мај.

Многу цивили и понатаму се блокирани во Мариупол

Исто така, руската државна новинска агенција ТАСС на 3 мај го цитираше Министерството за одбрана дека повеќе од милион луѓе, вклучително и речиси 200.000 деца, биле однесени од Украина во Русија во последните два месеца. Претставникот на Министерството за одбрана Михаил Мизинцев, рече дека тие цивили „биле евакуирани на територијата на Руската Федерација од опасните региони“ Доњецк и Луганск во источна Украина и од другите делови кои биле под руска контрола. Не се дадени детали за локацијата или околностите на овие потези.