ЕУ нема инфомации дека европските компании плаќаат гас во рубљи

Комесарот за енергетика на ЕУ, Кадри Симсон.

Европската комисија нема информација дека која било европска компанија платила руски гас во рубљи, откако Москва побара од странските купувачи да плаќаат во рубљи, наместо во евра или долари, рече на 2 мај комесарот за енергетика на ЕУ, Кадри Симсон.

„Комисијата нема информации за која било земја или приватна компанија која своеволно тоа го направила“, рече Симсон по доаѓањето на состанокот на министрите за енергетика во Брисел.

Русија минатата недела прекина со испорака на природен гас на Полска и Бугарија и се закани дека тоа ќе го направи и кон останатите земји кои ќе одбијат да платат во рубљи.

Полска и Бугарија велат дека веќе имале планови за прекинување на користењето руски плин и дека може да се носат со неиспораката од руска страна, но сега се шири страв дали други земји во Унијата, како Германија, може да бидат следни.

Руската закана за неиспорачување на гас му штети на обединетиот настап на ЕУ против Москва, оти не сите членки се согласуваат со тоа што е најдобро да се преземе во ваква ситуација.

Членките на ЕУ мора да разјаснат може ли нивните компании да продолжат да купуваат руски гас без да ги кршат санкциите на ЕУ што ги воведе кон Русија поради инвазијата на Украина.

Рускиот енергетски гигант Гаспром соопшти дека ниту Полска, ниту Бугарија не платила за плинот навреме во рубљи. Но Софија и Варшава велат дека своите обврски од договорите ги исполниле.

Русија е трет по големина производител на нафта во светот и втор најголем производител на природен гас. Русија во Европа покрива 25 отсто од нафтата и 30 до 40 проценти од испораките на гас.