Финска го раскина договорот со рускиот државен нуклеарен гигант Росатом за изградба на нуклеарен реактор во северна Финска. Договорот е раскинат поради дополнителен ризик од руската инвазија на Украина, соопшти на 2 мај конзорциумот Феновоима, кој го води проектот, составен во најголем дел од фирми во финска сопственост.
„Војната во Украина ги зголеми ризиците по проектот“, наведува конзорциумот во соопштение на 2 мај.
Филијалата на Росатом вклучена во проектот, РАОС Проект, не беше во состојба да ги ублажи овие разлики, се наведува во соопштението.
Конзорциумот, во кој две-третини сопственици се фински компании и 34 отсто удел има Росатом, се повикува и на значително доцнење од страна на подружницата на рускиот нуклеарен гигант во завршувањето на работите на реакторот Ханхикиви-1.
Од Феновоима велат дека нивната соработка со РАОС Проект веднаш ќе заврши.
Проектот за реакторот се проценува на повеќе од 7,5 милијарди евра. Проектот за реакторот од 1200 мегавати на северот од Финска датира од 2010 година и досега имаше бројни доцнења.
Иднината на нуклеарната електрана беше доведена во прашање по рускиот напад на Украина на 24 февруари, со што финската Влада беше принудена да го преиспита проектот, за кој конечната градежна дозвола треба да биде дадена кон крајот на 2022.
Министерот за економија на Финска, Мика Линтила неколку пати повтори дека сега е „апсолутно невозможно“, Владата да даде таква дозвола.
Но финската подружница на Росатом, РАОС Проект, задолжена за изградбата, и натаму инсистира проектот да продолжи.