Унгарија и понатаму се противи на какво било ембарго на ЕУ за увоз на руска нафта и гас, изјави денеска портпаролот на владата Золтан Ковач за Ројтерс.
ЕУ планира оваа недела да предложи постепена забрана за увоз на руска нафта како дел од новиот пакет санкции. За таква одлука е потребна едногласна поддршка од сите земји членки.
Неколку дипломати рекоа дека забраната за увоз на нафта е можна по промената на ставот на Германија, која до скоро тврдеше дека таа мерка премногу би ѝ наштетила на нејзината економија.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел рече дека Русија ги засилува своите напади врз Украина, со што новите санкции „се апсолутно круцијални“.
„Мора да ги искористиме нашите економски и финансиски можности да ја натераме Русија да ја плати цената за тоа што го прави“, рече тој.
Европската комисија ќе предложи забраната да биде воведена во период од шест до осум месеци за на земјите да им се даде време да го диверзифицираат своето снабдување, рекоа извори од ЕУ.
Други земји се загрижени дека забраната би ја зголемила цената на нафтата.
Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари, а Западот одговори со жестоки економски и дипломатски санкции и со помош за Украина.