Лидери од Балканот и челници на ЕУ во посета на терминалот за течен гас во Александруполис

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, заедно со други лидери од Балканот, меѓу кои и премиерот на Македонија Димитар Ковачевски, утре ќе го посетат терминалот за течен природен гас (LNG) во грчкиот град Александрополис, јавува МИА.

Грчкиот премиер посетата ја најави за време на владината седница во петокот. Тој рече дека конкретниот терминал е доста важен и ќе помогне во диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, не само за Грција туку и за регионот.

Tерминалот за помалку од 20 месеци треба да овозможи Грција и дел од земјите од регионот да имаат пристап и до други извори на гас, не само до руски.

Во посета на Александрополис утре ќе отпатува и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел. Тој ќе присуствува на свеченоста за изградбата на гасоводот за течен природен гас, чија цел, според ЕУ, е подобрувањето на инфраструктурата и набавката на гас за целиот југоисточно-европски регион.

Проектот за гасовод во Александрополис е од клучна важност за ЕУ во момент кога главна цел е независност од рускиот гас.

„Проектот ќе понуди нови извори и рути за набавка на природен гас и ќе ја зголеми безбедноста на набавката во Грција, Бугарија и другите земји во регионот“, изјавија од кабинетот на Мишел.

Претседателот на Европскиот Совет заминува во Александрополис на покана на премиерите на Грција, Македонија, Бугарија и Србија.

Се планира гасоводно поврзување со соседна Грција, како и инвестиции во гасна централа и постројка за гасификација на течен природен гас во Александрополис во кои Македонија треба да има удел. Со овие проекти Македонија нема да биде зависна само од руски гас.