Украина формално ги затвора главните пристаништа

Мариупол.

Украина најави привремено затворање на своите четири главни поморски пристаништа, откако ја загуби контролата над нив од руските сили.

Украинското Министерството за земјоделство на 2 мај соопшти дека пристаништата Бердјанск, Мариупол, Скадовск и Херсон ќе бидат затворени „додека Украина не ја врати контролата врз нив“.

„Оваа мерка е предизвикана од неможност за сервисирање на бродови и патници, товар, транспорт и други, економски, поврзани активности како би се обезбедило и соодветно ниво на безбедност на превозот и усогласеност со меѓународните договори“, соопшти Министерството.

Од Министерството велат дека Украина дефинитивно ќе продолжи со работа на овие пристаништа по победата над руските трупи.

Денешното соопштение е главно формална најава, бидејќи Русија ги блокираше или зазеде пристаништата откако ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина на 24 февруари.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски на 2 мај рече дека Украина би можела да загуби десетици милиони тони жито поради тоа што Русија ги контролира бродски патеки во Црното Море.

Организациите како што се Обединетите нации предупредија дека војната на Русија против Украина може да предизвика голема криза со храна која ќе влијае на Европа, Азија и Африка.