Организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ) ја повика Русија да истражи три инциденти за време на кои руски сили отвориле оган врз цивилни возила во Украина.
Инцидентите се случиле откако Москва на 24 февруари почна неиспровоцираната инвазија на Украина.
Во инцидентите за кои ХРВ бара истрага загинале шест Украинци, а тројца биле ранети.
Трите инциденти се случиле меѓу 28 февруари и 3 март, соопшти Организацијата за човекови права во својот извештај објавен на 30 април.
Два од инцидентите се случиле во Хостомел, град кој се наоѓа на околу 20 километри северозападно од Киев, додека третиот инцидент се случил во Нова Басан, село во регионот Чернихив, 70 километри источно од централниот дел на Киев.
Во првиот инцидент на 28 февруари, според организацијата, руските сили отвориле оган врз две возила со девет цивили кои се обидувале да побегнат од областа. Руските сите на 3 март пукале во возило со четворица мажи кои требало да преговараат за испорака на хуманитарна помош. Во третиот инцидент, руските сили пукале во цивилно комбе во кое се превезувале двајца мажи, при што еден од нив бил ранет. Војниците го извлекле вториот човек од комбето и набрзина го погубиле, додека ранетиот избегал.
„Руските војници на контролните пунктови отвораат оган врз возила што минуваат без никакви очигледни напори да потврдат дали се работи за цивили“, рече Белкис Виле од ХРВ.
Тој вели дека руските сили имаат обврска да прават разлика меѓу цивили и борци и дека има забрана да се стрела кон цивили, без разлика каде се наоѓаат тие, дали дома, во автомобил, на улица.
Од ХРВ велат дека меѓународното хуманитарно право и законите за војна забрануваат намерно да се гаѓаат цивили и секој кој наредува или намерно врши такви дела, или им помага и поттикнува, е одговорен за воени злосторства.
„Русија треба да спроведе непристрасна, темелна и транспарентна истрага за овие убиства и треба да ги обештети жртвите“, се вели во соопштението на организацијата за човекови права.