Египетските власти ослободија од притвор тројца новинари

Египетските власти ослободиле тројца новинари кои во притвор поминаа година ипол, соопшти денеска шефот на медиумскиот синдикат Диа Рашван. Тој објави фотографии на кои се прикажани тројцата новинари во затворска облека како се гушкаат на улица со членови од семејството.

Тие се ослободени додека трае истрагата по обвинувањето за злоупотреба на социјалните мрежи во поддршка на терористичка група, што е референца за „муслиманското братство“. Новинарите Амер Абдел Монеим, Хани Греиша и Есам Адбин допрва треба да бидат изведени пред Судот.

Претседателот на Египет ѝ наложи на владата да ја почне преселбата во новиот главен град

Во Египет „Муслиманското братство “ е прогласено за терористичка организација во 2013 година. Египетските власти пред неколку дена ослободија од затвор 41 затвореник, вклучувајќи и неколку истакнати писатели и активисти, кои беа ставени зад решетки без при тоа да им се одржи судење.

Египетскиот претседател Фатах Ел Сиси почна да ги слуша критиките на сметка на неговата администрација, јавува новинската агенција Франс Прес.

Тој повторно ја стави во функција претседателската комисија за помилување и именуваше нови членови. Оваа комисија е задолжена за разгледување и проверка на случаи на затвореници кои се задржани во затвори или притвор поради политички кривични дела. Оваа комисија е основана во 2016 година, но досега беше неактивна.