Илјадници работници излегоа на првомајскиот протест во Скопје

Првомајски протест во Скопје

Под паролата „Сѐ да застане за работникот да опстане“, илјадници работници денеска излегоа на првомајски марш во Скопје барајќи повисоки плати и почитување на работничките права. Веејќи ги синдикалните знамиња заедно со македонското, тие побараа слух од властите за состојбата во која се наоѓаат работниците.

„Платите да пораснат, младите да останат“, „Колективен договор за сите“, „Луксузот е на наш труд“ „Држава ви изградивме без плати не оставивте - градежници“, беа само дел од транспарентите со кои маршираа работниците.

Со протестот организиран од Сојузот на синдикати на Македонија се бара усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата, но и линеарно зголемување од 2.806 денари на сите плати во државата, почнувајќи од општиот работник до претседателот на државата.

Иван Пешевски, претседателот на синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање преку стримот на Радио слободна Европа порача дека е недозволиво владите да си поигруваат со работниците и работничките права, повторувајќи ги синдикалните барања за линеарно покачување на плати, но и измени и носење нов закон за работни односи, бенефициран работен стаж.

„Сите кризи удираат по џебот на работникот“, истакна Пешевски кој додаде дека голем дел од оние кои денеска протестираа немаат сретства за скари и поинакво празнување на Први мај.

Протестот започна во 12:30 часот пред зградата на ССМ по што продолжи пред Собранието, зградата на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора, за да заврши пред Владата кон која се упатени синдикалните барања.

По говорот на синдикалците, на протестот се појавија вицепремиерот Фатмир Битиќи и неговата колешка министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и изјавија дека ќе ги разгледат барањата.

Од ССМ претходно ги повикаа и сите синдикални организации и конфедерации во земјава да бидат дел од протестот и заеднички да се изборат за работничките права.


1 Мај се празнува како меѓународен ден на трудот и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Тој се одбележува во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, а бил организиран за воведување на осумчасовен работен ден.

Во штрајкот била употребена сила од страна на полицијата, при што имало повеќе жртви. Така Први мај се празнува во знак на почит кон жртвите од чикашкиот штрајк и секоја година во повеќе земји ширум светот на овој ден се одржуваат бројни демонстрации за работничките права.