Претседателката на Долниот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, денеска се сретна со украинскиот претседател, за време на ненајавената посета на Украина. За посетата информира кабинетот на Зеленски, кој утрово објави фотографии и видео.
Таа дојде во ненадејна посета на Киев со делегација во која беа членовите на Домот Џејсон Кроу, Џим Мекговерн и Адам Шиф.
„Нашата посета е за да ви се заблагодариме за вашата борба за слобода. Вашата борба е борба за сите. Ние сме посветени да бидеме тука за вас додека не заврши борбата“, му рече Пелоси на Зеленски.
Оваа посета доаѓа во врема кога Соединетите Држави и другите земји ја зголемуваат воената помош и другата поддршка за Украина. Пелоси истакна дека делегацијата носи порака „дополнителна американска поддршка е на пат кон вас“.
Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела побара од Конгресот пакет помош од 33 милијарди долари за Украина.
Бајден ќе побара уште 30 милијарди долари за поддршка на украинската „борба за слобода“
Американската делегација ќе ја посети и Полска која од почетокот на руската инвазија прими повеќе од 3 милиони бегалци од Украина.
Манифест за Јужна Русија, под едно име окупираните украински региони
Во меѓувреме, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба беше во Пекинг на 1 мај за да побара од Кина да обезбеди безбедносни гаранции како дел од секој иден мировен договор меѓу Украина и Русија.
„Украина моментално ја проучува можноста за стекнување безбедносни гаранции од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, вклучително и Кина и другите големи сили“, изјави Кулеба за кинеските медиуми.
Обединетите нации ги продолжија напорите да организираат евакуација на цивили од зафатеното украинско пристаниште Мариупол во Азовското Море, додека интензивните борби и гранатирање продолжуваат низ јужниот и источниот дел на Украина.