Сојузот на синдикати на Македонија денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот со синдикален протест барајќи усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата. Синдикатот бара линеарно зголемување од 2.806 денари на сите плати во државата, почнувајќи од општиот работник до претседателот на државата.
Анализите на ССМ покажуваат дека минатиот месец инфлацијата е зголемена за 8,8 проценти и дека доколку поскоро не се зголемат платите, инфлацијата ќе го „изеде“ бараното зголемување.
„ Затоа е нашето барање за зголемување на платите од 2.806 денари што побрзо, бидејќи гледаме дека инфлацијата секој месец е се поголема и доколку овие пари не ги добиеме ден побрзо можеби нивната вредност следниот месец ќе биде помала, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски на прес-конференцијата во петокот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ставот на Владата е дека платите треба да растат, но смета дека само преку дијалог може да се дојде до најдоброто одржливо решение. Оттаму велат дека по минималната, ќе растат и останатите плати, но дека е потребна поголема продуктивност и ефикасност кај вработените во јавниот сектор.
„Не можеме константно само да ги зголемуваме платите во јавниот сектор, а при тоа да нема зголемување на продуктивноста овој сектор. Приватниот сектор, кој ги финансира платите во јавниот сектор, бара зголемување на продуктивноста и на ефикасноста на работењето, порача премиерот Димитар Ковачевски на последната седница за пратенички прашања.
Во наредните шест месеци, како што најави Ковачевски, ќе се работи и на изработка на нов Закон за плати, затоа што, како што вели, постои неконзистентност во платите.