Отсуство на интегриран систем на евиденција за реализацијата на дадената финансиска поддршка, намалена транспарентност и отчетност во спроведувањето на економските мерки, неможност да се следат целосно ефектите за ефикасно заздравување на домашната економија. Ова се клучните недостатоци кои ги утврдил државниот ревизор при мониторингот и ефикасноста на економските владини мерки наменети за справување со економските последици од пандемијата со ковид-19.
Со прогласувањето на вонредната состојба и се до нејзино завршување, Владата на РСМ доби овластувања и донесе 250 Уредби со законска сила. Ревизијата констатира дека 43% од вкупно донесените Уредби со законска сила, се однесуваат на изменување и дополнување на веќе постоечките, што се должеше на неизвесната динамика во развојот на пандемијата, но и показател дека носењето на Уредбите е вршено без сеопфатно планирање, анализа и оцена.
Во соопштението е наведено дека одлуките за стратешките приоритети на Владата на РСМ за 2021 и 2022 година, помеѓу кои и стратешкиот приоритет „Справување со светската пандемија предизвикана од Корона вирусот COVID 19“, се општи, без наведување на конкретни економски аспекти за справување со последиците од економската кризата, без приоритетни цели за нивна реализација, како и отсуство на долгорочен стратешки документ за справување со здравствена и економска криза предизвикана од пандемијата.
Ревизорот утврдил дека предвидените мерки со пари од буџетот изнесувале околу 576 милиони евра заклучно со 29.10.2021 година, но од нив се реализирани средства во вкупен износ од приближно 427 милиони евра.
Во објавениот конечен ревизорски извештај се наведува дека постои отсуство на информации со кои ќе се потврди дека при планирањето и дизајнот на шесте пакети економски мерки се направени проценки и анализи за потенцијалното влијание и ефикасноста на мерките врз економијата во целост.
Ревизорите констатираа недоволна транспарентност при доделувањето на средствата за финансиска поддршка, распределба без утврдени критериуми за изборот на институции и општини, без критериуми за износот на одобрените средства, не утврдени намени за кои треба да се искористат средствата, како и неизвршени контроли.
„Дел од институциите доделените средства во износ од 1,1 милион евра ги искористиле за исплата на плата за вработените, без законски основ. Исто така основот за доделување на дел од средствата од програмата П1 не соодветствува со основната цел на финансиска поддршка и се доделени за: реконструкција на Универзална сала, набавка на механизација и товарни возила, подмирување на обврски настанати пред периодот на прогласување на пандемијата“, се вели во ревизорскиот извештај.
Државата со амбициозни планови за пост ковид економско закрепнување, но какви се капацитетите?
За надминување на погоре наведените состојби, до надлежните институции ревизорите дадоа препораки кои се темелат на резултатите од извршената ревизија и се во функција на подобрување на реализацијата на надлежните институции во државата, со цел да се обезбеди додадена вредност во насока на зајакнување и создавање на ефикасен систем на планирање, реализација, известување и мониторинг, во услови на вонредна или кризна состојба заради непречено справување со последиците од истите врз економијата на државно ниво.