Пратеничката група на конзервативците во британскиот Парламент го суспендираше пратеникот Нил Париш, кој е под интерна истрага по обвинувањата дека гледал порно на својот мобилен телефон во Долниот дом на Парламентот.
Британската Конзервативна партија на премиерот Борис Џонсон во средата отвори истрага, откако еден пратеник го обвини 65-годишниот Париш дека гледал порнографски содржини во Парламентот. Тогаш Париш не беше јавно именуван.
Претставници задолжени за дисциплина во владејачката партија тогаш рекоа дека таквиот став е „целосно неприфатлив“ и ветија дека ќе бидат „преземени мерки“.
Весникот Сандеј тајмс во неделата откри дека тројца министри и двајца опозициски пратеници се под обвиненија за „лошо однесување од сексуална природа“ – израз кој може да се однесува на сексуално вознемирување, воајеризам или сексуални напади
Тие се меѓу 56 пратеници пријавени во канцеларијата задолжена за регистрирање на таквите обвинувања, формирани после движењето „Ми ту“ (МеТоо).