Бизнисменот Орце Камчев со спогодба признал вина за случајот „Империја“ и е осуден на една година затвор, вели шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Таа во интервјуто за Топ Тема што ќе биде емитувано вечерва на телевизија Телма појаснува дека Камчев поднел барање за спогодба пред 15-тина дена, а пред два дена спогодбата поминала и на суд. Покрај затворската казна, Камчев ќе уплати и 5,1 милиони евра на државниот буџет преку УЈП.
„Предлог спогодбата со Камчев е прифатена во средата. Од фирмата „Кара“ односно „Орка Холдинг“ ќе бидат уплатени 320 милиони денари (околу 5,1 милион евра). Фирмата е на Орце Камчев. Тие средства треба да се уплатат на УЈП. Предлог-спогодбата беше верификувана од судија на претходна постапка. Ова значи дека нема да се води постапка против него, а тој се согласи на казна од една година затвор“, истакнува Русковска во интервјуто.
Таа појаснува дека иницијативата била поднесена пред 15-на дена.
„Таму каде е предвидена казна затвор од пет години, согласност мора да даде јавниот обвинител. Разговаравме со надлежната обвинителка Лиле Стефанова и доставивме предлог до државниот обвинител Љубомир Јовевски. За седум дена добивме согласност, а во меѓувреме тој ги уплати средствата на УЈП“, вели Русковска.
Обвинителството денеска соопшти дека спогодбено признал вина и се спогодил за една година затвор и осомничениот Ненад Јосифовиќ.
Истрагата за случајот „Империја“ по три и пол години заврши пред десетина дена, што резултираше со замрзнување на имотот на фирми поврзани со осомничените Јордан Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година. Осомничени, освен Камчев, Јосифовиќ и Мијалков се уште 10 лица - нивни соработници, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.