Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, потврди дека следниот состанок на главните преговарачи ќе се одржи на 13 мај.
Според Лајчак, на средбата ќе се направи обид да се најде решение за регистарските таблички.
Тој на својот Твитер профил потврди дека во изминатите два дена се консултирал со главните преговарачи од Приштина и Белград Бесник Бислими и Петро Петковиќ и дека е постигнат договор средбата да се одржи за две недели.
На претходниот состанок не беше постигнат договор за регистарските таблички за возилата од Србија и Косово, иако беше краен рок согласно договорот на двете страни.
Кризата околу регистарските таблички настана откако косовската влада во средината на септември 2021 година воведе реципроцитетни мерки за возилата кои влегуваат во Косово од Србија.
Според овие мерки, секој што управува со возила со регистерски таблички на градови од Србија мора да ги замени тие таблички со пробни за 60 дена и истите чинат пет евра.
До тогаш, граѓаните на Косово, кои имаа таблички РКС (Република Косово), скоро една деценија плаќаа околу пет евра за пробни таблички при влез на територијата на Србија, кои исто така важеа 60 дена.
Одлуката предизвика влошување на безбедносната ситуација на северот на Косово, по што во септември минатата година беше договорено да се воведе „режим на налепници“ како привремена мерка до изнаоѓање трајно решение.