Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков го оцени вчерашниот протест на дел од членството како обид да се ослабат позициите на синдикатот.
„Вакви неидентификувани собирања каде не знаеме кој е организатор, ниту која е целта, не води кон ништо и веројатно тоа е добар обид за ослабување на позициите на СОНК, разбивање на единството на СОНК, кое на крајот на денот ќе биде желба за секој којшто му пречи СОНК да биде единствениот и најсилен синдикат во државата. Од тука треба да се почне – која е целта на ваквите жестоки реакции“, рече Неделков на денешната прес-конференција.
Од СОНК притоа упатија апел до членството да не потпаѓа на дезинформации и уверуваат дека одлуката да се стави штрајкот во мирување е согласно закон.
Неделков информира дека веќе е закажана првата средба со медијаторот кој вчера беше назначен од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Советот на СОНК вчера донесе одлука да го стави штрајкот во мирување откако до него беше доставено известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот. Доколку во периодот на мирно решавање на спорот, не се изнајдат соодветни решенија, Неделков најави дека штрајкот повторно ќе биде активиран.
Штрајкот започна на 11 април. Барањата на СОНК се зголемување на платите за 18,5 отсто односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Владата им понуди 12 отсто повисоки плати.