Претседателот на Независниот синдикат на Управата за водење матични книги, Тони Милошевски изјави денеска дека вработените во Управата за водење матични книги кои се со договор, се соочуваат со притисоци.
„Има притисоци, дури и партиски притисоци што се вршат врз вработените најмногу на тие што се со договор примени, сигурно им се кажува дека ќе ги прекинат договорите ако не работат по закон, тие што се на договор не смеат да примаат документи ни да издаваат ни да потпишуваа, што значи надлежните може кривично да одговараат“, изјави Милошевски.
Доколку притисоците продолжат, како што наведе, доколку вработените се согласат ќе бидат поднесени кривични пријави. Милошевски информира дека се уште немале контакт со Министерството за правда.
„Ние имавме средба на 19 овој месец во Министерството за правда. На таа средба ни беше прво кажано дека нема да добиеме ни денар поради тоа што не било загарантирано со закон. Ние кажавме не мора 60, нека бидат 30 отсто покачување, но и тоа не го прифатија“, појасни Милошески.
Независниот синдикат претходно изрази загриженост за ставот на Министерството за правда дека колективниот договор е незаконски. Според синдикатот, 70 проценти од вработените во Управата за водење на матичните книги земаат плата под минималната.
Генералниот штрајк започна на 27 април. Независниот синдикат бара донесување на колективен договор на ниво на работодавач, контиунирани обуки и систем на унапредување на вработените, усогласување на платите согласно покачувањето на миниминалната плата и линеарно покачување на платите на сите вработени.