Врховниот водач на авганистанските талибанци Мула Хаибатула Ахунџада денеска повторно ја повика меѓународната заедница да ја признае владата на радикалната милитантна група која дојде на власт во август минатата година за време на повлекувањето на меѓународните сили предводени од САД. Тој во писмена порака пред празникот Рамазан Бајрам рече дека соодветните дипломатски односи ќе помогнат во решавањето на проблемите во земјата.
Ниту една нација не ја призна формално талибанската влада, бидејќи меѓународната заедница го поврза признавањето со многу потребната хуманитарна помош и со обновувањето на правата на жените во земјата.
По враќањето на власт, талибанците се обидоа да прикажат потолерантен имиџ отколку за време на претходното нивно владеење помеѓу 1996-2001 година, кога станаа озлогласени по своите злоупотреби, особено врз жените и девојчињата.
Но, набргу по повторното преземање на власта талибанците отпуштија десетици илјади жени од нивните владини работни места и им забранија да ја напуштат земјата, па дури и да патуваат меѓу градовите, освен ако не се придружени од машки роднина.
Во март, групата ги затвори сите средни училишта за девојчиња само неколку часа откако им дозволи да се отворат, предизвикувајќи бран на меѓународни критики.
Ахунџада ја повика меѓународната заедница да се воздржи од повиците групата да ги врати правата на жените, тврдејќи дека ова прашање се користи како политичка „алатка“ од Западот.
„Ние ги почитуваме и сме посветени на сите шеријатски права на мажите и жените во Авганистан...не го користете ова хуманитарно и емоционално прашање како алатка за политички цели“, рече тој.
Според него, светот треба да ја признае талибанската влада „за да можеме да ги решиме нашите проблеми формално и во рамките на дипломатските норми и принципи“.
„Авганистан има своја улога во светскиот мир и стабилност. Според оваа потреба, светот треба да го признае исламскиот емират Авганистан“, напиша Ахунџада, кој со години не е виден во јавноста и се смета дека е сместен во Кандахар.