Новинарка и продуцентка на РСЕ загина во Киев

Вера Гирич

Новинарката и продуцентка на Радио Слободна Европа- РСЕ, Вера Гирич загина во Киев откако руска ракета вчера ја погоди нејзината куќа. Нејзиното тело утрината беше пронајдено под урнатините на куќата.

Вира Гирич започна со работа во киевското биро на Радио Слободна Европа на 1 февруари 2018 година. Пред тоа, таа работеше во водечките украински ТВ канали.

„Редакцијата на Радио Слободна Европа изразува сочувство до семејството на Гирич и ќе ја памети како светла и љубезна личност, вистински професионалец“, соопштија од украинскиот сервис на РСЕ.

Како резултат на вчерашното гранатирање на Киев од руски ракети делумно се уништени 1 и 2 кат од 25-катна станбена зграда, каде избувнал и пожар. Според градските власти, четири лица се хоспитализирани.

Гранатирањето во Киев беше во време на посетата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Русија извршила напад врз Киев „веднаш“ по завршувањето на неговите разговори со генералниот секретар на ОН.