Ердоган ја продолжува посетата на Саудиска Арабија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со сопругата, 30 март 2022 година

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган престојува во дводневна посета на Саудиска Арабија со цел да ја подобри соработката со регионалните ривали, објави неговиот кабинет. Тоа е прва посета на Ердоган на Ријад откако Турција, желна да ги обнови врските со Саудиска Арабија поради лошата состојба на нејзината економија, одлучи да стави крај на аферата за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во октомври 2018 година во конзулатот на таа земја во Истанбул. Обвинителот на судот во Истанбул, кој од 2020 година им суди во отсуство на 26 саудиски државјани обвинети за убиството на Кашоги, побара досието да се „затвори“ и да и се предаде Саудиска Арабија.

Осуммина осудени за убиството на саудискиот новинар Кашоги

Одлуката судењето да се пресели во Саудиска Арабија го отстрани последниот „камен на сопнување“ за обновување на турско-саудиските врски, особено во односот на Ердоган со саудискиот владетел, престолонаследникот Мохамед бин Салман. Кашоги (59), критичар на саудиските власти и колумнист на Вашингтон пост, беше убиен на 2 октомври 2018 година во саудискиот конзулат, каде отишол да ги земе документите потребни за да се ожени со турска државјанка. Неговото тело не е пронајдено. Убиството резултираше со години на лоши односи меѓу Турција и Саудиска Арабија. Анкара, сепак, соочена со економска криза и инфлација, со месеци бара начини да му се доближи до Ријад.