На денешната парламентарна седницата во Цетиње беше изгласана новата црногорска малцинската влада на премиерот Дритан Абазовиќ, со што заврши тримесечниот технички мандат на Владата на премиерот Здравко Кривокапиќ, на која и беше изгласана недоверба на 4 февруари.
Новото парламентарно мнозинство претходно за претседател на Собранието ја избра Данијела Ѓуровиќ, со што по речиси три месеци се деблокираше работата на парламентот.
Кабинетот на Абазовиќ го поддржаа 16 пратеници на партиите кои ја сочинуваат владата.
Презентирајќи ја владината програма, Абазовиќ рече дека таа ќе се заснова на владеење на правото и економски развој, борбата против корупцијата, одржливите инвестиции, интеграцијата во Европската унија, заштитата на животната средина.
Трите теми за кои партиите кои ја сочинуваат Владата најдолго преговараат се пописот, потпишувањето на Основниот договор со Српската православна црква во Црна Гора и регионалната иницијатива Отворен Балкан.
Абазовиќ рече дека Законот за попис се планира согласно европските стандарди. Ова прашање предизвикува тензии во Црна Гора бидејќи за дел од политичката јавност не е статистичка операција, туку прашање на национален и верски попис.
Меѓу приоритетите на програмата на новата влада е и регулирање на договорните односи со верските заедници во согласност со Уставот и законите на Црна Гора. Со основниот договор државата Црна Гора треба да ги прецизира имотно-правните односи со Српската православна црква.
Иако конкретно не ја спомена иницијативата Отворен Балкан, Абазовиќ изјави дека Владата ќе се занимава со разгледување на регионалните иницијативи во контекст на клучната цел - побрзо членство на Црна Гора во ЕУ.
Про-црногорските партии се против оваа иницијатива, која ја смета за дел од проектот „српски свет“ на актуелната власт во Србија.