САД: Русија поставува „филтрациони“ кампови на окупираните територии во Украина

Уништена зграда во Херсон во руската воена инвазија

Амбасадорот на САД во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) вели дека има веродостојни докази дека руските сили собирале луѓе во областите на југот и истокот на Украина и ги приведувале во „филтрациони логори“, каде што се испрашувани.

Амбасадорот Мајкл Карпентер на денеска пред Постојаниот совет на ОБСЕ изјави дека има „веродостојни извештаи“ дека руските сили приведуваат луѓе во овие региони и „брутално ги испрашуваат за какви било наводни врски со легитимната украинска влада или со независни медиуми.“

Имаше и „алармантни извештаи“ дека луѓето за кои постои сомневање дека имаат такви врски се тепани или мачени пред да бидат префрлени во регионот на Доњецк, „каде што наводно се исчезнати или убиени“, изјави Карпентер пред Советот.

„Нашите информации покажуваат дека Русија киднапира, мачи и/или убива локално избрани лидери, новинари и активисти на граѓанското општество, како и верски водачи“, рече Карпентер.

Тој рече дека канцеларијата на градоначалникот на Мариупол известува дека четири филтрациони кампови работат во градот и дека работите во овие кампови се „застрашувачки“.

Карпентер, исто така, рече дека Русија можеби планира да организира „лажни“ референдуми во обид да ја „легитимира“ својата инвазија и да воспостави контрола врз областите на југот и истокот на Украина.

Украинците во градовите како што е Херсон предупредија дека Русија наскоро може да организира референдум каде ќе ги праша жителите дали ја одобруваат „независноста“ на ентитетот наречен Херсонска Народна Република, рече тој.

„Се разбира, таков ентитет не постои надвор од мрежата на лаги на Кремљ. И меѓународната заедница мора јасно да каже дека каков било референдум никогаш нема да биде признаен како легитимен“, изјави тој.

Руската воена инвазија влезе во третиот месец, а жестоките борби се водат главно на југот и истокот на земјата.