Од боиштата до плажите...

ГРЦИЈА - За влез во Грција од 1 мај нема да биде потребно приложување на задолжителниот европски сертификат за вакцинација, прележан Ковид-19 или негативен тест. Ваквата одлука била донесена по препорака на Комисијата на епидемиолози која меѓу другото побарала суспензија на ковид пропусницата, заедно со враќање на исполнетоста на објектите на 100 отсто од капацитетот.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден ќе побара 33 милијарди долари од Конгресот за поддршка на Украина, потег што претставува драматичен раст на американското финансирање за земјата во нејзината војна против Русија.

УКРАИНА - Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека нивото на радијација во Чернобил е благо зголемено, но не претставува голема опасност за животната средина и луѓето.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот премиер Димитар Ковачевски го отфрли повикот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за јавна средба на која би разговарале за датум за одржување на предвремени парламентарни избори.

МАКЕДОНИЈА - Синдикатот за образование, наука и култура го става штрајкот во мирување, оопшти претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Причина за ваквата одлука на СОНК, како што рече Неделков, е добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решавање на работните спорови.

МАКЕДОНИЈА - Исчистен е базенот во кој се наоѓале 450 тони линдан и околу 150 тони контаминирана почва од малата депонија во депонија во поранешната фабрика ОХИС. Отпадот е безбедно складиран и се планира да се започне со негово транспортирање на 3 мај, информираа од Министерството за животна средина за време на денешната посета на депонијата.

БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Алијансата е подготвена да ја поддржи Украина во војната против Русија, дури и ако конфликтот се протега со години.

франција - Француските власти соопштија дека ja заплениле вилата во градот Бијариц, на Кирил Шамалов, поранешен сопруг на Катерина Тихонова, ќерка на рускиот претседател Владимир Путин.

МАКЕДОНИЈА - Можат да се прават трансакции во рубљи за плаќање на рускиот природен гас ако е тоа потребно, потврди денеска гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска–Бежоска.