Американскиот претседател Џо Бајден ќе побара 33 милијарди долари од Конгресот за поддршка на Украина, потег што претставува драматичен раст на американското финансирање за земјата во нејзината војна против Русија.
Бајден рече дека трошењето е неопходно „за поддршка на Украина во нејзината борба за слобода“.
„Цената на оваа борба, не е евтина, но препуштањето пред агресијата ќе биде поскапо“, истакна тој.
Барањето вклучува над 20 милијарди долари за оружје, муниција и друга воена помош, како и 8,5 милијарди долари директна економска помош за владата и 3 милијарди долари хуманитарна и помош за безбедност на храната.
Сумата го претставува она што американските власти очекуваат да и треба на Украина до септември.
Бајден рече дека голем дел од воената опрема што САД веќе ја најавија, вклучувајќи беспилотни летала, радарски системи, муниција, во последните две недели веќе пристигнала во Украина. Тој додаде дека сега има 10 антиоклопни системи во Украина за секој руски тенк во земјата.
Бајден, исто така, бара правни алатки кои ќе им овозможат на САД да ги користат средствата запленети од руските олигарси за да бидат продадени и да помогнат во плаќањето на воените напори.
Ова вклучува дозволување на американските службеници да го запленат имотот на олигарсите - од јахти и хеликоптери до недвижности и уметност - да ги продадат тие средства и да ги дадат на Украина. САД и нивните европски сојузници замрзнаа имот во вредност од 30 милијарди долари кои ги држат богати поединци со врски со рускиот претседател Владимир Путин.
Бајден ја коментираше и одлуката оваа недела на рускиот државен енергетски гигант Газпром да го прекине снабдувањето со гас за Полска и Бугарија. Тој го нарече обид на Русија да ја користи енергијата како оружје и вети дека САД нема да дозволат Русија да користи „уцена со гас“ за да изврши притисок врз европските сојузници и да ги поткопа санкциите.