Македонскиот премиер Димитар Ковачевски го отфрли повикот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за јавна средба на која би разговарале за датум за одржување на предвремени парламентарни избори.
„Јас кажав повеќе пати и пак ќе кажам, уцени не прифаќам. Ова е втор пат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата“, објави премиерот Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук профил.
Тој посочи дека Владата сега ја менаџира најголемата економска криза по Втората светска војна и затоа смета дека не се потребни избори туку одговорно делување на сите партии, заедно со функционално Собрание.
„Ние сме одговорна партија и Влада која нема да дозволи ваквите желби на опозицијата да значат штета по граѓаните, несигурност, трошење на огромни буџетски средства и нови кризи“, истакна Ковачевски.
Мицкоски денеска на Ковачевски му даде рок до 10 мај да се изјасни дали ќе одговори на повикот. Во спротивно опозиционерот се закани со, како што рече, „сериозни и досега непреземени чекори“.