Исчистени 450 тони линдан од малата депонија во „ОХИС“

Складиран линдан во ОХИС

Исчистен е базенот во кој се наоѓале 450 тони линдан и околу 150 тони контаминирана почва од малата депонија во депонија во поранешната фабрика „ОХИС“ . Отпадот е безбедно складиран и се планира да се започне со негово транспортирање на 3 мај, информираа од Министерството за животна средина за време на денешната посета на депонијата.

Оттаму појаснуваат дека чистењето на малата депонија се одвива по планот, обезбедени се сите потребни средства и отпадот се чисти според сите стандарди.
Како што појасни националната проект-координаторка од канцеларијата на ПОП-с, Сузана Андонова, покрај линданот на неколку точки биле пронајдени и количини на жива.

„Концентрациите се различни, меѓутоа ние водиме сметка тоа што е пронајдено како концентрација да е во согласност со критериумите и барањата на капацитетите кои ќе го примат отпадот на уништување или третирање“, рече Андонова.

Ќе почне ли конечно чистењето на линданот во ОХИС?

Како што беше соопштено при посетата, на 3 мај ќе започне првиот извоз на отпад на седум контејнери во постројка за ваков отпад во Франција. Планот е за околу една година да заврши чистењето на малата депонија, рок кој веќе е поместен. Според ланските најави на министерот за животна средина Насер Нуредини, процесот требаше да биде завршен во јули годинава.

Покрај малата, во ОХИС има и голема депонија на линдан, за чие чистење, како што беше соопштено при посетата, владата формирала мултипартнерски фонд за собирање средства. По чистењето на базените ќе се испитува и земјата под нив, за да се види дали концентрациите на линдан во неа се безбедни да останат. Доколку вредностите се повисоки, ќе се прави нејзина ремедијација.

Линданот во ОХИС е остаток од некагашното производство во фабриката која сега претставува еколошка бомба во Скопје. Тој во минатото на големо се користел како инсектицид. Во 2009 година како пестицид влегува во Стокхолмската конвенција која Македонија ја има потпишано во 2005 година и е забранет за употреба во повеќе од 50 земји бидејќи е предизикува рак.