Можат да се прават трансакции во рубљи за плаќање на рускиот природен гас ако е тоа потребно, потврди денеска гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска–Бежоска.
„Сите предуслови се создадени и не гледам дека треба да има некоја пречка за плаќање на начин на којшто е потребно“, рече Ангеловска-Бежоска во одговор на прашањето на денешната прес-конференција дали домашните институции се подготвени да плаќаат природен гас во руски рубљи.
Гувернерката посочи дека воопшто не постојат никакви регулаторни пречки за редовна достава и плаќање на гасот.
„Се што беше до Централната банка како регулатива веќе е подготвено. Во текот на минатиот месец направена е измена и компаниите кои се увозници на гас немаат никаква пречка во делот на навременото снабдување“, порача Ангеловска–Бежоска.
Русија ги прекина испораките на природен гас за Полска и за Бугарија, затоа што одбиваат да плаќаат во рубљи. Оваа мерка ја воведе за земји кои ги прогласи за непријателски, откако ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари.
Македонија го добива гасот од Русија преку Бугарија од каде што влегува единствениот гасовод во земјава, но според надлежните земјава засега непречено се снабдува со гас.