Поранешната висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини изјави дека во интерес на Европската Унија е неодложно да се започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија.
„После тоа процесот ќе биде долг и тоа ќе биде само почеток“, истакна Могерини во интервју за БТВ изразувајќи надеж дека бугарското вето за Северна Македонија наскоро ќе биде тргнато.
Таа додава дека двете земји направиле се што се барало од нив за да ги започнат преговорите со ЕУ.
„Тоа создава голем проблем со довербата во процесот за проширување на ЕУ. Oткако Северна Македонија и Албанија беа принудени дa направат одредени отстапки за да ги започнат преговорите, а се уште ги немаат започнато, некои земји кандидати го поставија прашањето зошто воопшто тие тоа да го прават“, нагласи Могерини.
Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.