Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска ќе престојува во Киев. Тој завчера беше во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин и со шефот на дипломатијата Сергеј Лавров при што повика на прекин на огнот во Украина. „Ние сме многу заинтересирани да најдеме начин да создадеме услови за ефективен дијалог, да создадеме услови за прекин на огнот што е можно поскоро, да создадеме услови за мирно решение“, рече тој, наведувајќи и дека сака да го намали влијанието на војната во Украина врз снабдувањето со храна во другите делови на светот.
Путин му рекол на Гутереш дека сè уште верува во преговорите со Украина
Путин, според наводите од Москва, му рекол на Гутереш дека сè уште верува во позитивен исход од преговорите со Украина, и покрај континуираните борби меѓу двете земји. „И покрај сè, преговорите продолжуваат. Се надевам дека ќе постигнеме позитивен резултат“, рече Путин на средбата со Гутереш во Кремљ. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата ја критикуваше одлуката на Гутереш најпрвин да оди во Москва пред да го посети Киев, велејќи дека „нема правда и логика во овој редослед“. „Војната е во Украина, нема тела на улиците на Москва. Би било логично прво да се дојде во Украина, да се видат последиците од окупацијата“, рече Зеленски.