Бегалци, панцири, вето...
МАКЕДОНИЈА / УКРАИНА - Претседателот на Собранието Талат Џафери е во посета на Украина на покана на украинскиот претседател на Собранието Руслан Стефанчук, каде што допатувал со воз преку Полска во раните утрински часови, информираат од кабинетот на Џафери.
МАКЕДОНИЈА - Судот да донесе ослободителна пресуда во случајот ТНТ, побара денеска поранешниот министер за транспорт и врски за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески, кој е обвинет во случајот. Прес Судот тој рече: Ако ме осудите по шести пат, тоа ништо нема да смени.
УКРАИНА - Повеќе од 5,3 милиони Украинци ја напуштиле својата земја откако Русија ја започна инвазијата пред два месеци, а повеќе од 52.000 луѓе ја преминале границата во изминатите 24 часа, соопшти УНХЦР.
РУСИЈА - Русија соопшти дека протерува неколку јапонски и норвешки дипломати и санкционира 287 британски пратеници како одмазда за сличните чекори преземени против странските претставници и пратениците на Москва.
ЕУ / УКРАИНА - Европската комисија предложи увозните давачки за целиот украински извоз во Европската унија (ЕУ) да бидат суспендирани на една година.
МАКЕДОНИЈА / ЕУ - Време е Европската Унија да пружи рака кон земјите од Западниот Балкан, бидејќи регионот е уморен од чекање порача министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, кој беше во работна посета на Скопје.
МАКЕДОНИЈА - Комисијата за заразни болести на денешниот состанок препорачала укинување на сите рестриктивни мерки за справување со Ковид-19, освен задолжително носење маски во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица.
БУГАРИЈА - Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека неговата земја е подготвена за прекинот на испорака на руски гас. Руската државна енергетска компанија Газпром најави дека од денеска го прекинува снабдувањето со гас за Бугарија. За таквата одлука на Газпром е известен и Булгаргаз, бугарската државна компанија која се занимава со снабдување со гас.
МАКЕДОНИЈА - Од 27 април штрајкот во детските градинки е ставен во мирување, односно ќе продолжат нормално да работат. Штрајкот продолжува во основното и средното образование. Советот на Синдикатот за образование како причина за прекин на штрајкот во градинките го наведе интересот на родителите и децата, како и стопанството кое трпи поради неможноста кој да ги згрижи децата од предшколска возраст. Штрајкот, како што се наведува, ќе продолжи сѐ до изнаоѓање на заедничко прифатливо решение со Владата.