Европската комисија предлага укинување на царините за украинските производи

Белгија - Седиштето на Европската комисија во Брисел

Европската комисија предложи увозните давачки за целиот украински извоз во Европската унија (ЕУ) да бидат суспендирани на една година.

Целта на Брисел е да помогне во зголемувањето на украинскиот извоз во ЕУ, како и да помогне во ублажувањето на тешката ситуација во која се најдоа украинските производители и извозници поради руската инвазија.

Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен рече дека руската инвазија силно ја погодила украинската економија и дека разговарала со украинскиот претседател Володимир Зеленски за тоа како да и се помогне на економијата, покрај макрофинансиската помош и грантови.

„Се согласивме за брзо суспендирање на увозните давачки... Ова во голема мера ќе го поттикне извозот на украинските индустриски и земјоделски производи во ЕУ“, рече Фон дер Лајен.

Потпретседателот на Комисијата Валдис Домбровскис рече дека ЕУ никогаш претходно не дала такви мерки за либерализација на трговијата.

„Нула царини, нула квоти за пристап до пазарот на ЕУ“, прецизираше еврокомесарот.

ЕУ веќе презеде чекори за да го олесни транспортот на стоки по копно и на тој начин да им помогне на украинските производи да излезат во светот.

Предлогот на Европската комисија за суспендирање на давачките за украинскиот извоз треба да биде разгледан и усогласен од Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

Во 2021 година, трговската размена меѓу ЕУ и Украина го достигна највисокото ниво од стапувањето во сила на длабоката и сеопфатна зона на слободна трговија во 2016 година.