Време е Европската Унија да пружи рака кон земјите од Западниот Балкан, бидејќи регионот е уморен од чекање порача министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, кој денеска престојува во работна посета на Скопје.
„Северна Македонија досега покажа исклучително ниво на посветеност за напредокот на нејзиниот пат кон Европската Унија. Дополнително, постигнавме 100-процентно ниво на усогласување на државата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Време е и Европската унија да пружи рака кон државите од Западниот Балкан и јасно да демонстрира дека иднината на регионот е европска. Регионот е сѐ повеќе уморен од чекање, со што страда кредибилитетот на Европската унија“, порача Османи.
Како што соопшти МНР, на средбата станало збор и за спорот меѓу Бугарија и Македонија, како приоритет да се одблокира патот кон ЕУ.
Според Османи ако спорот со Бугарија сега не се реши, би можел да прерасне во „замрзнат конфликт“.
Во интервју за бугарската телевизија БТВ шефот на дипломатијата порачува дека доколку се пропушти оваа шанса, ќе се продолжи со конструктивна работа на оваа тема, но нагласува дека во тој случај Владата ќе треба да се занимава и со други прашања во нашата држава.
„Мислам дека во иднина ќе има се помалку сила и енергија и храброст кај кој било политичар храбро да се занимава со оваа тема. Затоа се плашам дека за месец-два ова ќе се претвори во замрзнат конфликт кој ќе трае со години, со сите последици што ќе произлезат од нашите односи, нашата внатрешна политика и можностите за регионот. Убеден сум дека во втората половина од оваа година нема да ја имаме истата сила да бидеме целосно посветени, со сета енергија на власта, за решавање на ова прашање, како што тоа го правиме сега“, изјави Османи.
Бугарија веќе втора година по ред не го трга ветото за отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ, условувајќи ја земјава да ги вметне Бугарите во македонскиот Устав.