Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) соопшти дека ги прекинува протестите што ги најави.
Причината за слабиот одзив на вчерашниот протест, според КСС, се притисоците што се вршени врз вработените во јавниот сектор. Оттаму најавуваат и кривични пријави.
„Согледувајќи и анализирајќи ги сите информации коишто пристигнаа од наши членови и синдикални претставници, добивме слика на еден жесток политички притисок кој во текот на вчерашниот ден се случувал во јавниот сектор. Имајќи ги во предвид реперкусиите кои можат да се случат врз нив, всушност КСС има долгогодишно искуство со деградирање и давање откази на наши членови заради синдикални активности, донесовме одлука во дел од институциите да поднесеме кривични пријави против непознати лица, се со цел да го заштитиме идентитетот на членовите кои поради нивниот исказ би можеле да доживеат голем број непријатности на своите работни места, наведува КСС во денешното соопштение.
Одлуката е донесена по состаноците на Извршниот одбор на синдикатот одржани во текот на вчерашниот и денешниот ден.
КСС најави секојдневни протести кои требаше да почнат од вчера пред Собранието и Владата за усогласување на платите со минималната плата.