Посветени сме да ги продолжиме напорите за почеток на преговори со Северна Македонија пред завршувањето на француското претседателство со Европската Унија во овие клучни времиња, објави еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји по средбата со премиерот Димитар Ковачевски претпладнево во Владата.
„Ја почнав посетата на Северна Македонија со средба со премиерот Димитар Ковачевски. Северна Македонија е дел од Европа! Немаме време за губење, треба да се забрза процесот!“, напиша Вархеји на Твитер.
На состанокот меѓу Ковачевски и Вархеји, како што соопшти владина прес-служба, е разговарано за актуелни прашања поврзани со предизвиците од војната во Украина и за европерспективите на регионот.
„Заеднички е констатирано дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска унија. Исто така постои согласност дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна“, се наведува во соопштението.
Во Софија вчера Вархеји имаше средба и со бугарскиот премиер Кирил Петков. Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.