Министерството за правда соопшти денеска дека е запознато со барањата на Независниот синдикат на Управата за водење на матични книги кој денеска започна генерален штрајк. Во соопштението се наведува дека е остварена средба со претставници на синдикатот во министерството на 19 април.
На состанокот, како што се наведува, било заклучено дека не е возможно да се потпише предложениот Колективен договор неколку причини.
„Одредбите во предложениот текст на Колективниот договор излегуваат од рамките на Законот за административни службеници. Барањето за зголемување на бодувањето на вработените според квалификации за 60 бода за секое ниво, како и предвидување на четири секретари во Управата е спротивно на Законот за административни службеници. Заради тоа, текстот на договорот треба комплетно да се преработи. Во текстот на Колективниот договор се предвидени додатоци на плата, а основната плата на вработен во УВМК заради „посебни услови за работа“ се зголемува за 30 со што ќе се зголемат средствата предвидени во буџетот на УВМК. Таков договор, кој предвидува излегување од износот на предвидени средства е незаконски и за тоа се предвидени санкции согласно Закон за Буџети на РСМ “, се посочува во соопштението.
Во текот на вчерашниот ден министерот за правда Никола Тупанчески, како што се додава, имал работна средба со директорот на УВМК Блерим Абази на која било договорено да се подобри комуникацијата меѓу синдикатот и раководството на УВМК како и да се разгледа можноста за интерни унапредувања и дополнителната мотивација на вработените а се со цел, подобрување на услугите на граѓаните за добивање документи.
Претседателот на Независниот синдикат на Управата за водење на матични книги, Тони Милошески денеска изјави дека сите подрачни одделенија се во штрајк и дека се уште не добиле понуда за средба. Генералниот штрајк беше најавен вчера и започна денеска околу 8 часот. Синдикатот бара да се донесе колективен договор на ниво на работодавач, линерано да се покачат платите и да се унапредат работните позиции.