Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ остварија средба со еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархеји. На состанокот , како што соопшти владина прес-служба, е разговарано за актуелни прашања поврзани со предизвиците од војната во Украина и за европерспективите на регионот.
„Заеднички е констатирано дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска унија. Исто така постои согласност дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна“, се наведува во соопштението.
Ковачевски, како што се посочува, нагласил дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со бугарскиот премиер Кирил Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база.
„Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ“, рекол премиерот Ковачевски.
Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.